Македонски фудбал Фудбал

Вардар посакува победа за шампионско славје

Лидерот во домашното фудбалско првенство Вардар, попладнево гостува во Струга каде со освоен еден бод може да ја завери шампионската титула, трофеј кој во клубот се чека шест години.

На две кола пред крајот “црвено-црните” имаат шест бода предност во однос на директниот конкурент Шкендија од Тетово.

Составот предводен од Гоце Седлоски на гостувањето во Струга заминува со низа од пет победи или вкупно седум натпревари без да се почувствува горчината на поразот и во оваа серија само Пелистер успеа да освои бод.

На спротивната страна Струга ТЛ на последните два настапи во ПМФЛ доживеа порази и тоа по еден на домашен терен против АП Брера и минатата недела од Шкендија во Тетово.

Во двете претходи соочувања во шампионатот немаше победник. Во октомври минатата година во Скопје, Вардар и Струга постигнаа по два погодоци додека кон крајот на февруари мрежите се затресоа по еднаш.

Во Струга во листата на стрелците се запишаа Христијан Малески и Мислав Матиќ додека на арената гостите на два пати имаа водство и  тоа со головите на Бунјамин Шабани и Басиру Компаоре, а Вардар израмнуваше преку Мато, кој не реализираше удар од 11 метри и Георгие Јанкулов со погодокот во втората минута од судиското надополнување.

Почетокот на натпреварот е закажан за 16 часот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести