Скопски Вардар вечерва додаде нов трофеј во своите поприлично добро пополнети витрини. Во финалето на Купот на Македонија, кое се играше во Струмица, ракометарите на Вардар, предводени од Иван Чупиќ на клупата, стигнаа до тешка победа против екипата на Охрид со 24:23. Охриѓани одиграа одличен натпревар, водеа во вториот дел и три разлика, го имаа на голот расположениот Пилиповиќ, во последните секунди имаа и напад за изедначување со играч повеќе, но не успеаја да погодат.
Вардарци подобро го отворија натпреварот, имаа предност од 7-3, а Хорига позади своето име имаше веќе три погодоци. По тајмаутот на Ројевиќ во 14-та минута, Охрид постепено почна да се враќа во игра, дојдоа и до еден гол негатива, 9:8, а Јака Малус постигна многу битен гол за Вардар со играч помалку. Охриѓани продлжија со добриот ритам и во 29-та минута дојдоа до израмнување 12:12, со голот на Јагуриновски. Сепак, Малус го однесе Вардар на пауза со еден гол предност 13:12.
Второто полувреме продожи во израмнета борба и се играше гол за гол. Предводен од Ѓукиќ на крило и Пилиповиќ на голот, Охрид дојде до првото водство 17:18. Вардар делуваше конфузно, а Охрид ја користеше секоја шанса, па дојде и до највисоката предност од 17:20. Серијата на охриѓани ја прекина Чупиќ со тајмаут, по кој Вардар се созема и почна да се враќа во игра. Експресно Вардар дојде до израмнување преку Малус на 21:21. Голманите на двете екипи во тие моменти блескаа, но Вардарци подобро ги користеа своите шанси, предводени од полетниот Малус. На другата страна Јапонецот Јасухира, создаваше проблеми за вардаровата одбрана. Во завршните моменти Вардар влезе со предност од 24:23, Охрид го имаше последниот напад. По играта на Ѓорѓиевски со нога, Вардар остана со играч помалку на теренот. Охриѓани направија вишок на крило за Гоце Ојлески, кој наместо да шутира се реши за цепелин, кој Јагуриновски не го искористи затоа што направи престап, а Вардар дојде до нов трофеј.
Кај Вардар, Малус беше најефикасен со 8 погодоци, а беше прогласен и за МВП на турнирот и најдобар стрелец. Хорига постигна 6 погодоци, додека на голот Валах запиша 10 одбрани. Кај Охрид, Ѓукиќ и Јасухира постигнаа по пет погодоци. Најдобар голман на турнирот, заслужено беше прогласен Пилиповиќ, на голот на Охрид.
Охриѓани имаат за што да жалат, беа блиску до историски успех и прв трофеј за клубот, а разочарувањето кај играчите беше видливо.
За црвено-црните ова беше 18-ти трофеј во Купот на Македонија и се далеку пред било кој друг клуб.

