Вардар 1961 го очекува тешко гостување кај Нант во Лигата на шампионите, но тренерот Иван Чупиќ најавува дека неговиот тим ќе се бори за победа, без оглед на моменталната ситуација и досегашните резултати. Хрватскиот стратег е свесен за квалитетот на противникот, но од своите ракометари бара борбеност, карактер и максимален пристап во текот на целиот натпревар.
„Нашата цел е да победиме и да останеме на нивото на конкурентност што го покажувавме досега. Свесни сме дека гостувањето во Нант е исклучително тешко, но не смееме да се задоволиме само со добра игра и позитивен впечаток. Мораме да го покажеме вистинскиот менталитет и да се бориме до крај“, порача Чупиќ.
Тренерот призна дека во Вардар владее разочарување бидејќи амбициите во Лигата на шампионите биле поголеми, а целта била пласман во следната фаза. Сепак, нагласи дека екипата сака да покаже дека има квалитет за конкуренција на највисоко ниво и дека продолжува да напредува.
„Секој натпревар во Лигата на шампионите за нас е како финале. Мораме да го дадеме најдоброто од себе и од секој дуел да извлечеме поука“, додаде стратегот на „црвено-црните“.
Натпреварот меѓу Нант и Вардар е закажан за утре со почеток од 20:45 часот.

