Вардар доживеа болен пораз на домашен терен во првиот европски натпревар пред своите навивачи оваа сезона. Двократниот европски шампион одигра исклучително неизвесен натпревар против француски Нант, но на крајот остана со празни раце. По голема борба и драматична завршница, гостите славеа со 32-33.
Средбата во „Јане Сандански“ започна одлично за вардарци. Јака Малус го отвори резултатот, а Васил Гогов веднаш покажа дека ќе биде сериозна пречка за францускиот напад. Со два брзи гола на Воркапиќ, Вардар поведе со 3-0 и ја подигна атмосферата на трибините. Нант, сепак, постепено се консолидираше и до осмата минута успеа да израмни на 5-5. Следуваше период во кој двата тима се менуваа во водство, а Французите први стигнаа до предност во 13. минута, кога поведоа со 8-9.
Гостите го искористија падот во играта на Вардар и по неколку технички грешки успеаја да се одлепат. Во 17. минута Нант имаше предност од четири гола, 8-12, по што Иван Чупиќ мораше да реагира со тајм-аут. Вардарци не се предадоа и до крајот на првото полувреме направија одличен камбек. Со серија од 3-0 се доближија на само еден гол, а на одмор заминаа со минимална негатива од 15-16.
Во вториот дел продолжи жестока битка, во која ниту една екипа не успеваше да направи поголема разлика. По 38 минути Нант водеше со 19-20, а седум минути подоцна резултатот беше 24-25. Францускиот тим повторно стигна до плус два, 24-26, во 46. минута, па Чупиќ го искористи и вториот тајм-аут. Тоа донесе позитивна реакција кај домашниот состав. Вардар со два последователни гола израмни на 26-26, а „Јане Сандански“ експлодираше. Поддршката од трибините дополнително ги мотивираше вардарци, а Воркапиќ во 51. минута со својот петти гол донесе водство од 28-27.
Веднаш потоа следуваше уште една одбрана на Гогов, а Воркапиќ погоди и на празен гол за 29-27. Сепак, Нант брзо возврати со два гола и повторно го израмни резултатот на 29-29. Во финишот се играше за секоја топка. На минута и пол до крајот беше 32-32, а Гогов со голема одбрана му даде можност на Вардар да стигне до водство. Малус не успеа да реализира, па Нант доби последен напад. На 15 секунди пред крајот Тарафета изнуди пенал, а Леополд беше сигурен од седум метри за 32-33. Вардар имаше уште една можност, но Малус ја презеде одговорноста за последниот удар и не успеа да погоди.
Така Нант си замина од Скопје со минимална победа во драматичен натпревар, додека Вардар остана со големо разочарување поради пропуштената шанса за триумф. Абделхак со десет постигнати гола беше најефикасен кај Вардар, додека Леополд со 13 погодоци беше прв стрелец на францускиот состав.

