Македонски ракомет Ракомет

Вардар не може да смета на Лазаревски за утрешниот натпревар против Нант

РК Вардар се соочува со проблеми со играчкиот кадар во пресрет на натпреварот против француски Нант. Предводникот на „црвено-црните“, Иван Чупиќ, на денешната прес-конференција ја откри здравствена состојба во тимот, потврдувајќи дека Милан Лазаревски и Милан Бомаштар дефинитивно отпаѓаат за овој дуел, додека настапот на Жоао Педро останува под голем знак прашалник.

Проблемите на позицијата пивот дополнително се продлабочуваат со отсуството на Лазаревски, кој веќе го пропушти и гостувањето кај Мелсунген во Касел поради повреда на рамото, додека кај голманот Бомаштар повторно се активираа болките во грбот на последниот тренинг.

Предводникот на вардарци детално ја објасни состојбата во тимот и истакна дека нема да повлекува ризични потези доколку играчите не се на сто отсто подготвени:

„Лазаревски сигурно нема да биде со нас, а нема да настапи ниту Бомаштар. Лазаревски веќе извесно време има проблем со рамото. Работи и тренира, но одвоено од тимот, па нема да биде во комбинација и за овој натпревар. Секој ден е подобар, но сè уште не е подготвен за целосен тренинг. Бомаштар повторно почувствува болка во грбот на вчерашниот тренинг, така што нема да може да ни помогне. Педро е во завршната фаза од закрепнувањето, го имаме последниот тренинг и потоа заедно ќе одлучиме што е најдобро. Се надевам дека ќе бидеме посилни и ќе имаме поголема ротација со него. Ќе ја следиме неговата состојба до утре напладне. Ако се чувствува добро, ќе биде во составот, но ако ситуацијата е 50-50, сигурно нема да ризикуваме. Сите останати играчи во овој момент се на располагање, иако секогаш треба да се биде претпазлив со ситни болки или вирози“, изјави Чупиќ.

Дополнителен хендикеп за македонскиот состав ќе биде и отсуството на десниот бек Митровиќ, кој одработува суспензија од четири меча, па Вардар со значително скратена ротација ќе мора да бара позитивен резултат против силниот француски ривал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.