Охрид денеска ќе биде центарот на регионалниот ракомет, со натпревар кој носи посебна тежина и поради фактот што ќе остане запишан како првиот во новото натпреварување. Во атмосферата пред меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, силен македонско-српски дуел ќе ја означи новата ера на регионалниот клупски ракомет. Вардар и Војводина денеска во Охрид ќе го одиграат првиот натпревар во историјата на новата Регионална лига за мажи.
Македонскиот шампион ќе има можност да биде дел од историскиот почеток на новото регионално натпреварување, а за противник ќе го има српскиот вицешампион. Средбата е закажана за 17:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“, во пресрет на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.
Иако дуелот првично беше предвиден за осмото коло, двата клуба постигнаа договор тој да се одигра порано поради густиот распоред и бројните обврски во продолжението од сезоната. На тој начин, натпреварот воедно ќе биде и своевидна увертира за ракометниот спектакл во Охрид. Новоформираната Регионална лига брои десет екипи од Македонија, Србија и Црна Гора, поделени во две групи. Вардар и Охрид се дел од групата Б, додека во групата А се Автокоманда и Еурофарм Пелистер.
Војводина по дуелот со Вардар ќе остане во Охрид, каде што ќе одигра уште една средба, овојпат против домаќинот. Натпреварот против Охрид истовремено ќе има важност и во рамките на регионалното натпреварување. Останатите македонски претставници допрва ќе го започнат настапот во лигата. Првите натпревари на Алкалоид и Еурофарм Пелистер се предвидени за крајот на август.

