Големото ракометно дерби меѓу Вардар и Алкалоид, во рамките на 10. коло од македонската Суперлига, ќе добие поинаква сцена од вообичаената. Наместо во големата арена, двата тима ќе ги одмерат силите во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, информираа од таборот на „црвено-црните“.
Средбата е закажана за сабота (14 ноември), со почеток во 18:30 часот. Причината за оваа промена е исполнетоста на спортските објекти во Скопје, каде што претстојниот викенд речиси и да нема слободен термин. Големата сала во „Јане Сандански“ ќе биде домаќин на кикбокс турнир, во СЦ „Борис Трајковски“ се одржува Саемот на книгата, додека во салата „Расадник“ ќе се одржи традиционалниот „Златен гонг“.
Од Вардар откриваат дека постоела и можност дербито да се презакаже за два дена подоцна, но таквиот предлог не бил прифатен поради густиот натпреварувачки распоред на Алкалоид. Поради тоа, дуелот ќе се одигра во помалата сала на „Јане Сандански“, и покрај значењето на пресметката и интересот што го предизвикува меѓу љубителите на ракометот.

