Ракометарите на Вардар забележаа уште една значајна победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако го совладаа хрватскиот Нексе со 33-27 и направија клучен чекор кон пласманот во големото финале.
За разлика од убедливиот триумф над Олимпијакос, „црвено-црните“ овојпат имаа значително потешка задача. Нексе подобро го отвори натпреварот и го диктираше темпото во поголемиот дел од првото полувреме. Предводени од расположениот Валах, вардарци успеаја да фатат приклучок, но хрватскиот состав сепак замина на пауза со минимална предност од 16-15.
Решавачката разлика беше направена во вториот дел. По долготрајната израмнета борба, македонскиот шампион го подигна нивото во одбраната токму кога беше најпотребно, влезе во серија и во завршницата рутински ја зачува предноста за конечни 33-27.
Со оваа победа, Вардар утре го очекува директен дуел со Тримо Требње за првото место во групата Б и пласман во финалето. Во другата група за место во трофејната борба ќе се соочат домаќинот Охрид и Загреб, додека Нексе ќе игра против Олимпијакос во натпреварот за петтото место.

