Екипата на Вардар направи уште еден чекор кон титулата, славејќи гостинска победа против Башкими со 0:2, во рамки на 30. коло од Првата фудбалска лига на Македонија. Вардарци одлично го отворија натпреварот и поведоа во 8-та минута со голот на Закариќ. Имаа гостите уште некоја неискористена прилика во првиот дел и кога сите очекуваа крај, Бобан Николов во 45-та минута, ја зголеми предноста на „црвено-црните“ на 0:2. Второто полувреме беше само рутина за двете екипи, а мрежите на двете страни мируваа.
Натпреварот го одбележа и еден несреќен инцидент, во кој навивач на домашната екипа падна од неколку метри високата трибина, интервенираше и брзата помош и повредениот навивач беше пренесен во болница.
Вториот натпревар денес, помеѓу екипите на Работнички и Пелистер ни донесе неизвесен и возбудлив меч во битката за опстанок, а видовме дури шест гола и поделба на бодовите. Домашната екипа поведе рано, уште во 4′ минута, со голот на Муарем, а само 5 минути подоцна, Пелистер дојде до изедначување со голот на Булатовиќ. Демири во 26′ минута донесе нова предност за Работнички и со тој резултат се замина и на полувреме. Вториот дел повторно подобро го отворија домашните играчи и со голот на Хоџа во 55′ минута дојдоа до предност од 3:1. За клубот од Дебар Маало победата на овој натпревар беше императив, во борбата за опстанок, но во 72′ минута Петковски погоди за битолчани и ја намали предноста на 3:2. Херој на екипата од Битола беше искускиот Мирко Ивановски кој со гол во 92-та минута донесе израмнување на својот тим, за конечни 3:3. За Пелистер овој бод е многу важен во битката за опстанок, поготово што доаѓа на терен на еден од конкурентите во таа битка.

