Македонски ракомет Ракомет

Вардар без милост против Младост Богданци, црвено-црните славеа со 44-34

Црвено-црните забележаа уште една убедлива победа, овојпат против Младост, во натпревар во кој уште од раниот период ја презедоа контролата. Иако мечот се одигра во Богданци, Вардар немаше проблеми да ја оправда фаворитската улога. Тимот на Иван Чупиќ одигра сигурно и ефикасно, а конечниот резултат од 44-34 доволно ја покажува разликата меѓу двете екипи.

Младост успеа да му парира на Вардар само во почетните десетина минути. Од 8-7, гостите направија серија и поведоа со 12-8, со што натпреварот почна да добива посакуван тек за црвено-црните. Вардар продолжи да ја зголемува предноста, а во 20. минута веќе имаше 16-11. До крајот на првото полувреме разликата стана двоцифрена, па на пауза се замина со 25-14.

Во вториот дел Чупиќ направи повеќе ротации и им даде шанса на сите ракометари. Тоа не влијаеше на текот на натпреварот, бидејќи Вардар без поголеми проблеми ја одржуваше високата предност и стигна до конечни 44-34. Најефикасен кај Вардар беше Матео Фадуил со 13 гола од исто толку обиди. Леон Љевар постигна осум гола, додека кај Младост Тодор Узунчев беше најдобар стрелец со осум погодоци, а Владимир Бојаниќ додаде седум. Со новата победа, Вардар 1961 продолжува во победнички ритам во Суперлигата.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.