Лидерот во ПМФЛ, екипата на Вардар, демонстрираше сила на Националната арена совладувајќи го Тиквеш со убедливи 7-0 во рамките на 29. коло. Кавадарчани, кои настапија со подмладен состав, капитулираа уште во 3′ минута преку Цветковиќ, по што следуваше резултатска катастрофа најавена со головите на Закариќ во 25′ и Велковски во 29′ за високи 3-0 по само половина час игра. Пред заминување на одмор, во 39′ минута погоди Јанкулов и зголеми на 4-0, а ситуацијата за гостите стана безизлезна по исклучувањето на Тасев, кој заработи црвен картон по интервенција на ВАР системот.
Вториот дел помина во знакот на Азер Омерагиќ, кој со извонреден хет-трик, голови постигнати во 61′, 75′ и 82′ минута, ги постави конечните 7-0,и со вкупно 13 гола се искачи на врвот на листата на стрелци во таборот на „црвено-црните“. Иако гостинскиот стратег Христов се обиде да ја затвори одбраната со неколку замени, налетите на вардарци беа незапирливи, додека голманот Талески со неколку сигурни интервенции не дозволи ниту почесен погодок за кавадарчани. Со оваа победа, Вардар сега има четири бода предност пред Шкендија и со голем оптимизам го очекува дуелот против Башкими на неутрален терен. Тиквеш, пак, по овој дебакл ќе бара излез од кризата на домашен терен против тимот на Арсими.

Битолски Пелистер извојува клучна победа на гостински терен кај Брера (0-1), со што максимално ја закомпликува битката за опстанок во ПМФЛ. Човек на одлука беше капитенот Мирко Ивановски, кој уште во 6. минута беше прецизен од белата точка, откако претходно Велкоски играше со рака во сопствениот шеснаесетник.
Домаќините имаа златна шанса за израмнување во 34. минута исто така од пенал, но голманот на „зелено-белите“, Андреј Јовчевски, го прочита ударот на Михаилов и ја сочува мрежата мирна. Во второто полувреме, иако Брера ја имаше иницијативата, битолчани со дисциплинирана одбрана ги затворија сите приоди кон голот и ги однесоа бодовите во Битола. Со овој триумф, Пелистер сега е на само еден бод заостанување зад струмичани, најавувајќи драматична завршница во пресрет на следното коло.

