Фудбалскиот клуб Вардар по елиминацијата во осминафиналето од Купот на Македонија и поразот од Тиквеш (1:3), официјално поднесе жалба до ФФМ барајќи победа на „зелена маса“ и дисквалификација на ривалот од Кавадарци поради неправилен настап на фудбалерот Виздом Окере.
Куќата на фудбалот излезе со официјално соопштение во кое ги потврди сите детали од поднесената жалба:
„На 29. октомври 2026 година, во Архивата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) пристигна жалба од ФК Вардар за неправилен настап на фудбалер на ГФК Тиквеш 1930 на натпреварот од осминафиналето на Купот на Македонија, меѓу екипите на ФК Вардар и ГФК Тиквеш 1930, одигран на 28. октомври 2026 година.
Жалбата, која претходно уредно била најавена од ФК Вардар во записникот од натпреварот, се однесува на фудбалерот на ГФК Тиквеш 1930, Окере Ебубе Висдом, со број 23, кој бил дел од почетниот состав на гостинската екипа.
Во жалбата се наведува дека во досието на фудбалерот внесен во КОМЕТ системот на ФФМ, во делот што се однесува на лекарскиот преглед, како медицински документ е приложена спортско-медицинска потврда издадена на име Милош Спасовски, со датум на извршен лекарски преглед 2. јули 2026 година. Според наводите во жалбата, Милош Спасовски не е член на ГФК Тиквеш 1930 од 3. септември 2026 година.
ФК Вардар ја поднесува жалбата повикувајќи се на член 8 и член 30 став 2 од Пропозициите за Куп-натпреварувањето на ФФМ за сезоната 2026/2027, во врска со член 63 став 6, член 68 и член 99 став 1 точка II и став 4 од Правилникот за натпреварување на ФФМ.
Со жалбата, ФК Вардар бара таа да биде усвоена, да се утврди неправилниот настап на наведениот фудбалер и ГФК Тиквеш 1930 АД Кавадарци да биде елиминиран од понатамошното натпреварување во Купот на Македонија за сезоната 2026/2027“, стои во соопштението.
Доколку надлежните комисии во ФФМ ги утврдат овие административни недоследности, ГФК Тиквеш ќе се соочи со службен пораз, што значи дека Вардар ќе го заземе нивното место во четвртфиналето од Купот на Македонија.

