Меѓународен фудбал Фудбал

ВАР-судиите од манчестерското дерби заминаа на „принудна пауза“

Бурата по контроверзното манчестерско дерби не стивнува, а Судиската организација на Премиер лигата презеде конкретни чекори откако официјално призна дека единствениот гол на мечот мораше да биде поништен. Главната одговорност за пропустот падна на грбот на ВАР-судиите, кои по кардиналната грешка за претстојниот викенд се испратени на принудна пауза.

Главната замерка до арбитрите во ВАР-собата е што не го повикаа главниот судија Мајк Оливер на консултација пред мониторот. ВАР-екипата се фокусирала исклучиво на тоа дали Енцо Фернандез ја допрел топката, целосно игнорирајќи го неговото директно влијание врз играта, детал кој за Судиското тело е кристално јасен офсајд. Поради оваа утка, судиите Мет Донахју и Блејк Ентробас нема да бидат делегирани на ниеден натпревар во следното коло од англиската елита.

Сепак, спорниот погодок не беше единствениот момент што ја разбранува јавноста. Сериозни дебати се водат и околу директниот црвен картон на Фил Фоден. Иако ѕвездата на Сити го зафати капитанот на Јунајтед, Бруно Фернандеш, претходно Португалецот прв направи контакт, поради што многумина експерти сметаат дека и тој мораше да добие картон или целата ситуација да заврши со по еден жолт картон за двајцата. На оваа сцена Оливер веднаш го исклучи Фоден, а од ВАР-собата повторно изостана каква било реакција или сугестија за преглед на видео-снимката.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.