Ванда Нара повторно привлече внимание со потег поврзан со поранешниот сопруг Мауро Икарди. Аргентинската водителка го стави на продажба дресот на аргентинската репрезентација со бројот девет, а описот на производот предизвика реакции.
„Оригинален дрес на поранешен играч, малку користен“, пишува во огласот на нејзината интернет-платформа. Цената изнесува 20.000 аргентински пезоси, односно приближно 12 евра, со дополнителен попуст од 15 проценти за плаќање со картичка.
Дресот е од 2018 година, кога Икарди се надеваше дека ќе настапи на Светското првенство во Русија, но тогашниот селектор Хорхе Сампаоли не го вклучи во составот. Икарди за Аргентина одигра само осум натпревари и постигна еден гол. Автентичноста на дресот не е потврдена, додека описот на огласот во Аргентина беше протолкуван како можна провокација од Нара кон нејзиниот поранешен сопруг.

