Повеќе натпревари, повеќе голови и поголема динамика, вака УЕФА го промовира новиот формат на Лигата на шампионите со 36 екипи. Сепак, прославениот холандски стратег Луј ван Гал не дели ниту трошка од тој ентузијазам, отворено тврдејќи дека новото натпреварување целосно го уништило елитното европско друштво.
Поранешниот предводник на Ајакс, Барселона, Бајерн Минхен и Манчестер Јунајтед во интервју за холандските медиуми без влакна на јазикот распали по челниците на европската куќа на фудбалот.
„Ова е смешна форма. Денес во Лигата на шампионите може да игра буквално кој ќе стигне. УЕФА мисли само на тоа како да заработи повеќе пари. Тоа е целосно корумпиран свет“, истакна Ван Гал.
За трофејниот стратег, кој го подигна пехарот во 1995 година со легендарната генерација на Ајакс, зголемениот просек на погодоци не е мерило за квалитет, туку за огромна разлика во класите меѓу клубовите.
„Натпреварувањето се вика Лига на шампиони, нели? Тогаш во него треба да играат само најдобрите. Не треба да постои толку драстична разлика во квалитетот. Доколку играат само елитните тимови, можеби би имало помалку голови, но дуелите би биле од значително повисок стандард и би гледале многу подобар фудбал. Во хокејот на мраз имате А-ниво, Б-ниво и така натаму. Секаде во светот на спортот натпреварувањата се организирани според нивото на квалитет, освен на самиот врв во фудбалот“.
Ван Гал предупреди и на пренатрупаниот календар кој директно ги уништува фудбалерите, посочувајќи го за пример дуелот меѓу ПСЖ и Барселона, каде што францускиот шампион плати огромна цена за победата останувајќи без Хвича Кварацхелија, Усман Дембеле и Маркињос поради повреди.
„Бројот на натпревари е преголем. И како директен резултат на тоа, имаме драстичен пораст на повредите меѓу играчите“, заклучи Холанѓанецот.

