Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, отворено прозборе за големиот финансиски скандал и одлуката на независната комисија со која Манчестер Сити беше прогласен за виновен за дури 114 прекршоци на финансиските правила. Иако „граѓаните“ поднесоа жалба и целата правна сага сѐ уште ја чека конечната разрешница, Холанѓанецот јасно направи разлика меѓу спортското ривалство на зелениот тепих и работите кои се одвивале надвор од него.
Периодот во кој се вршени неправилностите се совпаѓа со ерата кога Ливерпул водеше пеколни битки за шампионскиот пехар, завршувајќи како втор со неверојатни 97 бода во 2019 година и 92 бода во 2022 година. Ван Дајк, чија трофејна колекција би била значително побогата доколку ги немаше успесите на ривалот од Манчестер, најави дека детално ќе се искаже откако сите правни процеси ќе бидат официјално заклучени:
„Единствено што можам да кажам во овој момент е дека искрено уживав во ривалството. Но, тоа е на теренот, а она што се случуваше надвор од него е сосема друга приказна. Сѐ додека случајот трае, подобро е да не коментирам во детали. Кога сѐ ќе биде соодветно завршено, дефинитивно ќе го кажам моето мислење за сѐ што се случуваше“, порача ван Дајк.
Покрај финансискиот процес, холандскиот дефанзивец го коментираше и неделниот поразот од 0:3 на „Енфилд“ токму од Сити, истакнувајќи дека исклучувањето во второто полувреме го сруши целиот план на „црвените“:
„Факт е дека црвениот картон го промени целиот меч, посебно кога веднаш потоа ќе примите брз гол. Кога ќе останете со 10 играчи на теренот и противникот тоа веднаш ќе го казни, станува исклучително тешко да се вратите во игра“, заклучи капитенот на Ливерпул.

