Меѓународен фудбал Фудбал

УСКОК го чешла Хрватскиот фудбалски сојуз поради договорот со „Адидас“!

Вистински земјотрес го потресе Загреб откако инспекторите на УСКОК (Канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал) ги посетија просториите на хрватската куќа на фудбалот. Во фокусот на државните истражители е грандиозниот десетгодишен спонзорски договор меѓу ХНС и спортскиот гигант „Адидас“, вреден околу 80 милиони евра, со посебен акцент на сомнителните провизии и нивните евентуални приматели.

Иако УСКОК засега официјално не ги открива сите детали, познато е дека барањето за документација започнало пред неколку месеци, а деновиве инспекторите побарале и официјален записник од последната седница на Извршниот одбор. Истрагата треба да потврди дали имало какви било обиди за илегални исплати кон посредници или вработени лица внатре во сојузот.

Од таборот на ХНС експресно ги отфрлаат сите обвинувања, тврдејќи дека зделката со техничкиот спонзор, која вклучува и парична сума и врвна спортска опрема, била договорена директно без никакви посредници.

„Извршниот одбор донесе јасен заклучок дека никој нема право на каква било провизија. ХНС има толку големо реноме што сам може да бира дали ќе носи ‘Адидас’, ‘Најк’ или ‘Пума’. За ова никогаш не ни бил потребен посредник, договорот го финализираа директно претседателот Маријан Кустиќ и тогашниот генерален секретар Томислав Светина. Никому не е исплатена провизија, ниту пак некогаш ќе биде“, истакна анонимен висок функционер од сојузот за „Спортске новости“.

Со оглед на тоа што станува збор за еден од најголемите спонзорски договори во историјата на балканскиот спорт, притисокот врз раководството на ХНС е огромен, а јавноста во регионот ги очекува официјалните заклучоци од антикорупциската истрага.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.