Француската репрезентација претрпе уште една промена во составот пред претстојните натпревари во Лигата на нациите. Новиот селектор Зинедин Зидан мораше да реагира по повредата на Ворен Заир-Емери, па на негово место повика уште еден фудбалер на Пари Сен Жермен. Станува збор за офанзивниот играч за врска Магнес Аклиуш, кој доби дополнителен повик откако Заир-Емери беше принуден да го напушти репрезентативниот камп поради повреда на адукторот.
Заир-Емери неодамна беше стартер за ПСЖ во победата од 2:1 на гостувањето кај Олимпик Марсеј во Лига 1, но по натпреварот се појавиле проблемите поради кои нема да може да му помогне на националниот тим. Интересно е што и двајцата фудбалери се членови на актуелниот француски шампион. За Аклиуш ова е можност да се наметне во составот на Зидан и да ги запише своите настапи за сениорската репрезентација.
Ова е втора промена во списокот на Франција во пресрет на новиот циклус. Претходно од тимот отпадна голманот на Лeнс, Робен Рисер, а неговото место го презеде Жан Бутез, кој настапува за Комо. Французите ги очекува исклучително густ распоред. На 25 септември ќе гостуваат кај Турција, а само три дена подоцна ќе играат против Белгија. Потоа следуваат два натпревари на домашен терен – против Италија на 2 октомври и повторно против Белгија на 5 октомври.
За Зидан ова е еден од првите сериозни предизвици на новата функција. Легендарниот француски фудбалер го презеде националниот тим по заминувањето на Дидие Дешамп по Светското првенство. Како играч, Зидан беше еден од главните носители на францускиот успех на крајот од деведесеттите години. Со „триколорите“ го освои Светското првенство во 1998 година, а две години подоцна триумфираше и на Европското првенство.

