Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Уште една голгетерска претстава на Алкалоид, Ловќен повторно немаше решение!

Алкалоид продолжува да ја демонстрира својата офанзивна моќ во регионалната ракометна лига. По спектакуларното издание во Скопје, македонскиот претставник повторно беше расположен за голови и на гостински терен, каде што го совлада Ловќен со 29-40 и стигна до втората победа во натпреварувањето. Домаќинот, сепак, покажа дека овојпат нема лесно да се предаде. Алкалоид подобро го започна натпреварот и поведе со 1-4, но Ловќен брзо одговори и до самиот финиш на првото полувреме остана целосно во игра. Црногорскиот тим во еден момент дури имаше и минимална предност од 18-17, но на паузата резултатот беше 18-18.

Она што го направи мечот еднонасочен во продолжението беше стартот на вториот дел. Алкалоид направи серија од шест последователни гола, со која се одлепи од противникот и ја презеде целосната контрола врз натпреварот. Од тој момент избраниците на Кирил Лазаров играа во својот ритам. Предноста постојано растеше, а пет минути пред крајот првпат достигна двоцифрена разлика. Во завршницата македонскиот тим рутински ја доврши работата и стигна до убедливи 29-40.

Алкалоид повторно имаше повеќе расположени ракометари во нападот. Иван Џонов беше прв стрелец со осум погодоци, Марко Митев постигна шест, додека Дамјан Митев и Ненад Костески додадоа по пет. За само неколку дена Алкалоид постигна неверојатни 94 гола против Ловќен, што најдобро ја отсликува напаѓачката форма во која се наоѓа тимот на Кирил Лазаров.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.