УС Опен постави ново финансиско мерило во светот на тенисот и стана првиот Грен слем турнир во историјата кој за трошоците поврзани со играчите издвојува повеќе од 100 милиони долари. Вкупната сума во Њујорк достигна неверојатни 108 милиони долари, со што американскиот Грен слем продолжува да ја зацврстува позицијата на турнирот кој најмногу ги наградува тениските ѕвезди. Сумата од 108 милиони долари претставува зголемување од 20 проценти во споредба со минатогодишните 90 милиони, додека во однос на 2024 година растот е дури 44 проценти, кога за оваа намена биле издвоени 75 милиони долари.
Во оваа бројка не влегуваат само директните награди за остварените резултати на теренот. Средствата ги опфаќаат и трошоците за превоз и сместување на тенисерите, како и два милиони долари наменети за програмата за помош на играчите. Значително зголемување има и за оние кои ќе стигнат до главниот турнир. Секој тенисер кој обезбедил место во главниот ждреб автоматски заработува 140.000 долари, што е за 27 проценти повеќе од минатогодишните 110.000 долари.
Најголемата награда, секако, е резервирана за шампионите. Победниците во машка и женска конкуренција годинава ќе инкасираат по 5,5 милиони долари, односно 10 проценти повеќе од минатата сезона, кога шампионскиот чек изнесуваше пет милиони долари. УС Опен со години е познат по највисоките награди за победниците меѓу четирите Грен слем турнири. За споредба, шампионот на Вимблдон добива 4,9 милиони долари, победникот на Ролан Гарос 3,3 милиони, додека Австралија Опен останува на околу три милиони долари.
Интересно е што бранителите на титулите од минатата година, Арина Сабаленка и Карлос Алкараз, и натаму се во игра за најголемиот дел од историскиот награден колач. Двајцата обезбедија пласман во полуфиналето и се само на две победи од нов трофеј и престижниот чек од 5,5 милиони долари.

