Други спортови Одбојка

Украина пресилна за Македонија: Нов максимален пораз за одбојкарите

Македонската одбојкарска репрезентација го претрпе и вториот пораз на Европското првенство 2026, откако повторно загуби со максимални 0:3 во сетови, овојпат од селекцијата на Украина. Главен проблем во играта на нашиот национален тим беше катастрофалниот прием на сервис, што му овозможи на противникот лесно да ја преземе контролата врз резултатот.

„Црвено-жолтите“ пружија достоен отпор во првите два сета, но тоа не беше доволно да се направи нешто повеќе. Во првиот сет, при резултат 24:22 за Украина, се случи и голем судиски превид откако арбитрите не досудија очигледна двојна топка кај еден украински одбојкар, со што директно му го доделија сетот на противникот (25:22). Вториот сет донесе речиси идентична слика, каде што Украина рано се одлепи, а Македонија успеа само да се приближи пред противникот да го освои сетот со повторни 25:22.

Во третиот сет отпорот на македонските одбојкари беше целосно скршен, па Украина без поголеми проблеми доминираше на теренот и го затвори мечот со убедливи 25:10. Во рамките на третото коло од групната фаза, Македонија в недела од 18:00 часот ја очекува уште потешка задача, каде што за противник ќе го има еден од главните фаворити за медал, селекцијата на Полска.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.