Црногорскиот ММА борец Милош Јаничиќ официјално ќе стане дел од историјата на својата земја, откако УФЦ го потврди неговото деби во најсилната светска организација за мешани боречки вештини. Јаничиќ ќе настапи на UFC Fight Night, која ќе се одржи на 1 август во Белград, а негов прв противник во октагонот ќе биде Французинот, Ноа Гињон. И двајцата борци за првпат ќе се појават под знамето на УФЦ.
Со потпишувањето на договорот, Јаничиќ стана првиот борец од Црна Гора кој ќе настапи во најпрестижната ММА организација во светот. Во УФЦ пристигнува со импресивен професионален биланс од 19 победи и само три порази, а особено впечатливо е што сите негови победи ги остварил пред истекот на последната рунда, 11 со нокаут и осум со принудување на противникот да се предаде. Љубителите на ММА во регионот ќе имаат можност историското деби на Јаничиќ да го проследат во Белград, каде што ќе се обиде победнички да ја започне својата УФЦ кариера.

