Иако најавата за повлекување на заканите со бојкот изгледаше како чекор кон смирување на односите, судирот меѓу УЕФА и ФИФА се заострува. На состанокот на претседателите на европските национални сојузи во Монако беше донесена одлука да се искористат сите правни и институционални средства против претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вклучително и поднесување кривична пријава пред судот во Швајцарија за злоупотреба на овластувањата и несоврасно работење.
Главна причина за оваа реакција е контроверзниот проект „FIFA Forward Enterprise“ (ФФЕ), преку кој Инфантино планирал да продаде 21 процент од акциите на Светското првенство на приватниот инвеститор Џошуа Кушнер за 4,2 милијарди долари, при што вредноста на целото натпреварување била проценета на околу 20 милијарди долари. УЕФА бара комплетен увид во документацијата од 56 страници поднесена до американските судови во Њујорк, Флорида и Колорадо, како и спроведување на независна надворешна ревизија, истакнувајќи дека ФИФА не може самата да се истражува.
И покрај тоа што ФИФА писмено потврдила дека проектот е „неотповикливо и трајно повлечен“, од УЕФА порачуваат дека довербата во Инфантино е целосно уништена. Европската куќа на фудбалот привремено го замрзна бојкотот на натпреварувањата на ФИФА за да ги заштити женските репрезентации (У20 и У17), но најави дека доколку Инфантино се кандидира за нов мандат, УЕФА заедно со останатите конфедерации ќе поддржи кредибилен противкандидат. Покрај тоа, УЕФА отвора прашање и за милијардските финансиски резерви на ФИФА кои им припаѓаат на сојузите, нагласувајќи ја јасната позиција: Светското првенство и фудбалот не се на продажба.

