Македонски фудбал Фудбал

УЕФА го казни Вардар со 250.000 евра за двојно книговодство!

Македонскиот фудбалски бренд Вардар се соочува со застрашувачки финансиски извештај од Нион. Европската куќа на фудбалот му изрече казна од огромни 250.000 евра на клубот поради сериозни финансиски малверзации и незаконско работење во изминатиот период, заклучно со 2024 година.

Како што обелодени извршниот директор на „црвено-црните“, Миленко Неделковски, на денешната средба со новинарите, раководството морало да потпише спогодба со УЕФА за да избегне уште поригорозни санкции. Покрај паричната глоба, клубот во следните три години будно ќе биде следен под специјален мониторинг.

„УЕФА не чешлаше цели десет месеци и на крајот постигнавме договор да платиме 250.000 евра. Следните три години ќе бидеме под засилен мониторинг за да не го повториме делото, бидејќи во спротивно не чека суспензија. Се работи за двојно книговодство за сезоната 23/24. Има конкретна пријава за фудбалерите Дарко Глишиќ и Мартин Блажевски кои имале потпишано двојни договори, а регистрирана е и нелегална исплата на играчи преку трети фирми“, истакна Неделковски.

Тој појасни дека новата управа не била запознаена со овие криминални дејствија на претходната администрација:

„Тие луѓе работеле многу оперативно, ние немавме поим дека такво нешто постои. Ништо од тоа не беше заведено во клупските архиви ниту кај книговодителите, а се појави и фалсификуван печат. Случајот веќе е предаден во Обвинителството и во Финансиската полиција, која веќе ги гони одговорните лица. УЕФА влезе со многу сериозни докази. Оваа пресуда и спорните договори се направени најмалку шест месеци пред моето доаѓање во клубот.“

И покрај шокантната казна, Неделковски сподели и информации околу вкупниот долг на Вардар, потенцирајќи дека финансиската консолидација напредува. Од почетниот долг кој изнесувал најмалку 10,5 милиони евра, досега се расчистени дури 6 милиони евра, иако само каматите ќе „голтнат“ уште дополнителен милион. Клубот прикажа и бруто добивка од 700.000 евра за изминатата 2025 година, што им дава кредибилитет пред банките за идни кредити и лизинзи.

На спортски план, првиот оперативен човек потврди дека има простор за уште еден до двајца интернационалци. Клубот веќе ги раскина договорите со Фахад Бајо од Уганда и Фаустин Сенгор, слободен во изборот на нова средина е Ибрахим Олајсебикан, додека во тек се преговори за продолжување на соработката со Цветковиќ. Помладите фудбалери од ростерот ќе бидат испратени на калење во прволигашки и второлигашки екипи.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.