Минесота Тимбервулвс влегуваат во втората рунда од плејофот со сериозен хендикеп, откако стана јасно дека Ентони Едвардс нема да биде подготвен за почетокот на пресметката со Сан Антонио Спарси. „Волците“ покажаа карактер и го елиминираа Денвер и без негова помош во финишот на серијата, но отсуството на првата ѕвезда против тимот на Виктор Вембањама е тежок удар за амбициите на тимот. Едвардс се мачи со хиперекстензија на левото колено, повреда која го принуди да ги пропушти последните два меча против Нагетс, а медицинскиот тим на Минесота не сака да ризикува долгорочни последици.
Едвардс веќе почна со лесни тренинзи и отпатува со екипата во Тексас, а инсајдерите најавуваат дека тој дефинитивно ќе ги преседи првите два натпревари. Постои умерен оптимизам дека бекот би можел да се врати на паркетот за третиот или четвртиот натпревар, доколку неговото тело реагира позитивно на терапиите. Оваа сезона Едвардс беше вистински мотор на тимот со просек од речиси 29 поени, но повредата веќе почна да го зема данокот во досегашниот дел од плејофот, каде неговите бројки беа значително пониски. Без него, Минесота влегува како аутсајдер против „разбудените“ Спарси, а товарот во нападот ќе мора да го преземат неговите соиграчи доколку сакаат да го сопрат налетот на нестварниот Вембањама и неговата челична одбрана.

