Ракометарите на Еурофарм Пелистер брзо ги залечија раните од европскиот пораз од Ла Риоха, враќајќи се на победничките патеки во домашното првенство со убедлив триумф над Бутел Скопје од 21-34 во рамките на петтото коло од ракометната Суперлига.
Иако домашниот состав пружи силен отпор во првото полувреме и замина на пауза со активен резултат и негатива од само два гола (12-14), избраниците на Лино Червар во продолжението го кренаа темпото на максимум. Со челична одбрана и супериорна реализација во контранапад, битолчани целосно го разбија отпорот на домаќинот и уште во раната фаза од вториот дел ја запечатија судбината на мечот.
Прво име на теренот беше македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски, кој ги предводеше пелистерци до новиот триумф со осум постигнати голови, додека кај екипата на Бутел најпрецизен беше Филип Михајловиќ со пет погодоци.
За актуелниот шампион ова е четврта победа во низа по почетното реми против Охрид на стартот од сезоната. Во следната рунда Еурофарм Пелистер пред својата публика во Битола ќе го пречека тимот на Куманово, додека Бутел ќе ја бара шансата за поправен испит на домашен терен против Прилеп.

