Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, заврши во рацете на полицијата по утринската акција на МВР и Обвинителството поврзана со злоупотреба на европски фондови. Тој е под истрага за проневера на 700.000 евра од УЕФА, средства кои биле наменети за инфраструктурен проект на охридскиот стадион „Билјанини извори“.
За овој случај Сејдини претходно веќе беше санкциониран од матичната федерација со двегодишна забрана за работа, под обвинение дека свесно ги измамил телата на ФФМ при авансната исплата кон фирмата изведувач.
„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба. Се уште се преземаат дејствија по наредба на јавниот обвинител, а повеќе детали за натамошниот тек на постапката ќе бидат споделени по завршувањето на дејствијата кои се во тек, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје“.

