Продолжуваат предизвиците на македонската фудбалска репрезентација, а нашите „рисови“ уште еднаш ќе имаат прилика да ги одмерат силите во вистински фудбалски амфитеатар. По вжештената атмосфера во Сараево против Босна и Херцеговина, избраниците на селекторот Гоце Седлоски ги очекува уште еден спектакуларен амбиент, овојпат во срцето на Истанбул.
Турската фудбалска федерација официјално потврди дека култниот стадион „Шукру Сарачоглу“ е целосно распродаден. Домoт на Фенербахче, кој собира точно 50.530 гледачи, утревечер ќе биде исполнет до последното место.
За домашната селекција ова не е обичен пријателски дуел, туку свечено испраќање на нивните миленици на Светското првенство 2026 година, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада. Интересот за овој натпревар е дотолку голем што, според информациите од локалните медиуми, во канцелариите на федерацијата веќе пристигнале дополнителни 50.000 барања за билети кои, за жал на фановите, нема да можат да бидат исполнети.
Македонија утре излегува на терен против мотивиран противник, но и против уште една фанатична публика, што ќе биде извонреден тест за карактерот и квалитетот на нашиот национален тим.

