Најголемите тениски ѕвезди повторно ќе се соберат на егзибицискиот турнир „Слем на шесте кралеви“, кој ќе се одржи од 21 до 24 октомври во Ријад. Доколку не се случат нови проблеми со повреди, тоа би можел да биде првиот турнир од март на кој заедно ќе настапат Новак Ѓоковиќ, Јаник Синер и Карлос Алкараз. Покрај нив, на престижниот турнир ќе играат и Александер Зверев, Тејлор Фриц и Алекс де Минор. Наградниот фонд останува ист како и претходните две изданија – секој учесник ќе добие по 1,5 милиони долари само за настап, додека победникот ќе инкасира дополнителни шест милиони долари.
„Секогаш сум имал одличен пречек тука и со нетрпение очекувам повторно да играм“, изјави Ѓоковиќ, додека двократниот шампион Синер порача дека сака да ја одбрани титулата. Алкараз, кој се опоравува од повреда на зглобот, исто така изрази желба повторно да настапи во Ријад доколку биде целосно подготвен.
Егзибицискиот турнир во Саудиска Арабија во последните години стана еден од најатрактивните настани во тенискиот календар, а останува да се види дали ќе продолжи да се одржува и по 2028 година, кога Ријад ќе стане домаќин на Мастерс турнир.

