Меѓународен фудбал Фудбал

Трагичната приказна зад 100 милионското момче Јан Диоманде

Веста за преселбата на Јан Диоманде од Лајпциг во Реал Мадрид го протресе фудбалскиот пазар. Кралскиот клуб ќе плати 100 милиони евра за 19-годишното крило, а германскиот тим ќе оствари профит од 80 милиони за само една година. Но зад овој астрономски трансфер се крие трогателна животна приказна.

За време на Светското првенство, младиот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска објави потресно писмо посветено на неговата сестра Роксан, која трагично го изгуби животот на 15 години.

„Драга Роксан,

Се сеќаваш ли кога некој ми купи лажен дрес од Јунајтед, а јас со црн маркер на грбот напишав Роналдо 7? Не знаевме за богатство или сиромаштија. Знаевме само за среќа.

Се сеќаваш ли како 25 души спиевме во една куќа во Абиџан? Мама сакаше да гледа сапуници, а сите други филмови. Се сеќаваш ли како се преправав дека спијам, па после полноќ одев во ТВ-собата? Го намалував тонот на само 2 цртички. Гледав фудбал во мракот и сонував.

Се сеќаваш ли кога возрасните ме гледаа како играм во прашината и ме нарекуваа ‘Роберто Карлос’ поради тоа колку силно шутирав? И се сеќаваш ли колку тајно бев лут, бидејќи мој идол беше ЦР7?

Се сеќаваш ли кога заминав да играм далеку од дома? Имав 9 години. Интер Фут Суд Комое, веднаш до границата со Гана. Мало дете препуштено само на себе. Не знам дали некогаш ти ја кажав оваа приказна, но со останатите деца одевме во селото да крадеме компири бидејќи бевме премногу гладни. Правевме ‘грабеж на банка’. Две деца го завлекуваа сопственикот на продавницата, додека 18 од нас истрчуваа со по два компира. Не беа ни вкусни. Но имаа неверојатен вкус тогаш. Хахаха. Тоа и понатаму ми е омилена храна. Варен компир со малку масло. Ме потсетува на тие времиња.

Се сеќаваш ли кога ги добив првите вистински копачки и како спиев со нив? Растејќи, секогаш играв во оние бели пластични сандали. Дури и сега кога одам дома, сè уште играм во нив. Тоа е наша традиција.

Се сеќаваш ли кога ќе се вратев дома, а ти им зборуваше на моите пријатели: ‘Зашто престанавте да тренирате? Јан нема да ви купува автомобили. Мора да продолжите да работите.’ Имаше 10 години, а веќе беше мој агент.

Се сеќаваш ли како седевме и сонувавме за преселба во Франција? Како ќе одиме во шопинг, ќе имаме свој стан, како јас ќе бидам богат фудбалер со автомобили и голема куќа, и како ти нема да мораш за ништо да се грижиш. Ти беше онаа која секогаш веруваше дека можам да бидам следниот Кристијано, тогаш кога сите други се смееја.

Се сеќаваш ли кога на 15 години се преселив во Америка поради средно училиште и кога ме фаќаше толку голема носталгија? Месеци не разбирав што зборуваат. Ме седнаа до едно француско момче кое се обидуваше да ми преведува сè што зборува наставникот. Се сеќаваш ли кога ти се јавив и реков: ‘Нема да веруваш, децата овде се расправаат со наставниците.’ Знаеш дека кај нас дома не би се осмелиле ни да трепнеме пред постарите.

Се сеќаваш ли кога не можев да верувам дека децата пушат после училиште? Велеше дека тоа звучи како да сум во некоја американска ТВ-серија.

Се сеќаваш ли кога ме однесоа на проба во Борнмут? Во Челси, Ренџерс, Олимпијакос, Кристал Палас? Езе и Олисе дури ми пријдоа после еден тренинг и рекоа: ‘Еј, мали, стварно си добар.’ Но сепак не ме потпишаа. Дури ни ‘Б’ тимовите во МЛС не ме сакаа. Не знаев ни зошто. Никогаш не ми дадоа причина. Возрасните решаваа сè. Само ме водеа насекаде по Европа, и сите постојано велеа не.

Визата ми истече. Мојот сон беше завршен. Ме пратија назад во Африка и плачевме заедно. Ти беше онаа која никогаш не престана да верува. Неколку недели подоцна, потпишав за Леганес и плачевме со поинакви солзи.

Тоа беше во време кога сè уште имав емоции. Сега не чувствувам ништо. Како повеќе да не сум ни човек. Откако умре, чувствувам само празнина.

Мислам дека не пуштив ни солза оној ден кога ми рекоа дека те нема повеќе. Само бев во шок. Беше тоа само неколку недели откако дебитирав за Леганес. Кој дебитира на 18 години против Реал Мадрид? Беше премногу лудо. Беше сон. А потоа стана кошмар.

Некој постојано ме бараше од дома. Бев изнервиран. Не разбирав зошто постојано ме бараат. Се јавив, а тие не ни се обидоа да го ублажат тоа. Знаеш како е кај нас дома. Без емоции. Само… ‘Сестра ти ја нема повеќе.’ ‘Што?’ ‘Умре.’ ‘За што зборувате?’ ‘Некој ѝ стави нешто во пијалокот на журка и никогаш не се разбуди. Замина.’ Имаше 15 години.

Никогаш не добив никакви одговори. Не знам ни дали сакам да знам зошто. Можеби беше љубомора. Можеби тоа е едноставно нешто што се случува во нашата земја. Можеби можев да те заштитам. Не знам. Се трудам да верувам во Божјиот план. Тоа е сè што можам да направам. Не се обидувам да заборавам, бидејќи знам дека нема да заборавам. Сè што можам е да ја искористам таа болка за да работам уште посилно и да остварам сè за што сонувавме.

Ова го напишав бидејќи не можам да зборувам за тоа. Напишав ова бидејќи сакам да знаеш дека ќе се погрижам да продолжиш да живееш. Ќе се погрижам сите да го знаат твоето име. Целиот свет. Сè што правам на фудбалскиот терен, го правам за тебе.

Толку многу работи се случија откако последен пат те видов… Не би можела ни да поверуваш. Не знам ни дали јас верувам во тоа. Знаеш што е лудо? После моето деби против Мадрид, всушност го разменив дресот со Мбапе. Се сеќаваш ли кога го гледавме на телевизија, а ти велеше: ‘Мбапе? Да, добар е. Но мојот брат е подобар.’

Во една работа погрешив. Не сакам да бидам богат. гледам што им прави парите на луѓето, дури и на семејството. Додека бев во Леганес, сè што заработував праќав дома. Дојде до тоа повеќе да не сакам ни пари. Беа само товар. Никогаш не престанаа да бараат. Мислеа дека сум веќе милионер. Немав ни стан. Живеев во тренинг-центарот, во соба без телевизор. Само фудбал и спиење, фудбал и спиење.

Не сакав голема куќа. Не сакав автомобили. Само сакав да вложам сè во фудбалот. Сè, за да му покажам на светот дека мојата сестра беше во право…

Ха… ова ќе ти биде смешно. Кога преминав во РБ Лајпциг, секогаш доцнев. Па, не доцнев. Но доаѓав на време, што во Германија значи дека дебело доцниш. Така што веќе знаеш што направив следно. Почнав да доаѓам 90 минути порано на сè. Толкова многу поранував што момците почнаа да ме викаат ‘Германецот’. Уште мора во сè да претерувам. Не знам да се опуштам. Секогаш го зборуваше тоа.

Теренот стана единственото место каде сè уште се чувствувам како дома. Тоа е местото каде чувствувам мир и каде можам да зборувам со тебе. Само би сакал уште да си тука за да можам да ти кажам… Успеавме.

Сè што кажа се оствари. Утре одиме на Светско првенство. Навистина. Твојот брат ќе игра за Брегот на Слоновата Коска, како Дрогба, како Јаја, како Жервињо. Дури и не гледам на тоа како на натпревар. Гледам како на сцена. Ова е моја шанса на целиот свет да му го покажам она што ти го виде во мене. Секогаш кога ќе постигнам гол, ќе се погрижам сите да го знаат твоето име. Ќе се погрижам да не те заборават.

Секогаш велеше дека можам да бидам подобар од Кристијано. Ако го видам таму, ќе го поздравам во твое име. Ќе го направам она што го предвиде, се колнам. И пред да имам вистински копачки, на сите им зборуваше: ‘Мојот брат ќе биде најдобар во светот.’

Ќе докажам дека беше во право, или ќе умрам обидувајќи се.

Твојот брат,

Јан“

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.