Тотенхем го реализираше еден од најголемите трансфери ова лето, официјално потврдувајќи го доаѓањето на бразилскиот репрезентативец Савињо од редовите на Манчестер Сити. Иако клубовите ги сокрија финансиските детали, британските медиуми пренесуваат дека лондoнскиот гигант издвоил околу 85 милиони фунти за 22-годишното крило, коешто стави потпис на договор со важност до јуни 2031 година.
По долготрајните преговори, Бразилецот не го криеше задоволството од преселбата во Лондон и шансата да соработува со менаџерот Роберто Де Зерби.
„Траеше малку подолго, но многу сум среќен што сум овде. Ова е извонредна можност во врвен клуб со еден од најдобрите тренери во светот. По разговорот со Роберто Де Зерби знаев дека морам да дојдам во Тотенхем. Ми кажа дека сака да ми помогне да го достигнам највисокото ниво и верувам дека заедно како тим можеме да го оствариме тоа“, истакна Савињо за официјалниот сајт на Тотенхем.
Савињо го напушта Манчестер Сити по две години откако пристигна на „Етихад“ во 2024 година по одличните партии во Џирона, но не успеа да остави голем впечаток и да се наметне во стартната постава. Со 13 настапи за репрезентацијата на Бразил зад себе, младиот офанзивец се очекува да донесе огромно засилување во нападот на Де Зерби во претстојната сезона.

