Лошата сезона на Реал Мадрид кулминира со шокантни вести од „Марка“. Дури шестмина првотимци целосно ја прекинале комуникацијата со тренерот Алваро Арбелоа. Дека ситуацијата е надвор од контрола потврдуваат и инцидентите на тренинзите, Рудигер наводно му удрил шлаканица на младиот Карерас, додека капитенот Валверде влегол во физички клинч со Чуамени. Дополнителен товар е изолацијата на Килијан Мбапе, со кого соиграчите наводно одбиваат соработка поради неговото однесување. Иако Арбелоа се обиде да ги смири страстите со изјавата дека „она што се случува во соблекувалната, таму и останува“, јасно е дека неговиот авторитет е неповратно изгубен.
По неуспешната епизода на Чаби Алонсо, кој беше избркан по конфликт со истите овие играчи, Флорентино Перез сега бара лидер со „цврста рака“. Како најсериозни наследници се споменуваат Зинедин Зидан, како единствен авторитет за ѕвездите, и Јирген Клоп, кој би донел целосен ремонт на тимот. Навивачите се гневни, а деновите на Арбелоа на „Сантијаго Бернабеу“ се чинат одбројани.

