Опстанокот во италијанската елита е веќе обезбеден, но во таборот на Торино не владее мир кога станува збор за тренерската позиција. Претседателот на клубот, Урбано Каиро, веќе почнал да ги влече првите потези за следната сезона, а главното име на неговата листа е легендарниот Џенаро Гатузо. И покрај солидните резултати на актуелниот стратег Роберто Д’Аверса во финишот на првенството, неговото останување на клупата е под сериозен знак прашалник бидејќи првиот човек на „биковите“ сонува за нов лидер на тимот.
Според информациите на „Тутоспорт“, спортскиот директор Петраки веќе остварил првичен контакт со поранешниот италијански селектор за да ја испита неговата подготвеност за враќање во Серија А. Ова не е првпат Каиро да „пука“ кон Гатузо, тој се обиде да го ангажира во два наврати во изминатите две години, што е јасен сигнал за неговата долгогодишна желба да го види популарниот стратег во Торино. Иако Д’Аверса ја ужива поддршката од соблекувалната поради позитивниот финиш на сезоната, карактерот и авторитетот на Гатузо се сметаат за клучни фактори кои би можеле да го подигнат клубот на повисоко ниво. Конечната одлука се очекува веднаш по завршувањето на последното коло, кога Каиро ќе пресече дали ќе му даде нова шанса на сегашниот тренер или ќе започне нова ера со Гатузо.

