Екипата на ФК Скопје продолжи со активното засилување на тимот пред продолжението на сезоната, потврдувајќи го ангажманот на 26-годишниот фудбалер од средниот ред, Томче Гроздановски.
Гроздановски пристигнува во Автокоманда откако минатата сезона ги бранеше боите на битолски Пелистер. Зад себе има и значајно интернационално искуство стекнато во словачкиот тим Злате Моравце, хрватско Дугопоље и романската Конкордија Чајна. Покрај настапите за помладите репрезентативни селекции на Македонија, тој има запишано и еден официјален настап за сениорскиот национален тим на дуелот против Гибралтар во Лигата на нации. Новиот фудбалер од средниот ред веќе му се стави на располагање на стручниот штаб и беше дел од записникот на првенствениот натпревар против Арсими.
Паралелно со Гроздановски, „сино-белите“ го официјализираа и трансферот на Али Адем, кој дополнително ќе ја засили конкуренцијата и креативноста во средната линија. Адем исто така пристигнува со искуство од домашниот шампионат и од настапи во странство.
Со ангажманот на овој двоец, ФК Скопје продолжува да го гради составот со искусни имиња, каде што претходно веќе пристигнаа Душко Трајчевски и Виктор Ангелов, со цел да се обезбеди поголема стабилност и резултатска сигурност во елитното друштво.

