Меѓународен фудбал Фудбал

„Тоа беше одлука на стручниот штаб.“: Бруно Фернандеш го обвини Керик по дебаклот

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, не го штедеше менаџерот Мајкл Керик по тешкиот пораз од 4:1 против Комо во Лигата на шампионите. Португалецот за англиските медиуми отворено прозбори за тактичките промашувања и одлуката на стручниот штаб да му препушти иницијатива на противникот, што директно доведе до катастрофалниот епилог.

„Не ни е првпат лошо да влеземе во натпреварот. Повторно примивме гол многу рано. Не го притискавме доволно противникот кога ја имаше топката, не се движевме добро кога ние ја имавме во посед и практично ништо не ни одеше од рака. Кога толку рано ќе примите гол, веднаш се создава чувство како веќе да сте го изгубиле натпреварот. Тешко е да се извлечете од таква состојба, да најдете храброст, да преземете контрола над топката и да се обидете нешто да направите. Ако не сме во состојба да го сториме тоа, ќе ни биде многу тешко да излеземе од оваа ситуација. Одлуката на стручниот штаб беше да не играме пресинг ‘човек на човек’, туку повремено да им оставиме простор, да ги почекаме и да се обидеме да ја освоиме топката. Меѓутоа, кога на вакви екипи ќе им оставите простор, тие добиваат самодоверба.“

Запрашан дали Керик погрешил во подготовката и поставката на натпреварот, Фернандеш посочи дека екипата морала да делува значително похрабро и агресивно на теренот.

„Тоа е на тренерот и на стручниот штаб да проценат, а не на мене. Понекогаш мора да бидете похрабри, дури и кога сте под притисок. Мора да ризикувате, да излезете високо во пресинг и да го натерате противникот да се чувствува непријатно. Видовте како играа тие. Нивниот стопер доаѓаше да ме чува дури на нашата половина од теренот. Тоа е она што и ние мора да го правиме како екипа, но не успеавме. Кога против себе имате тим кој сака да игра низ средината, да комбинира со кратки додавања и да ги поврзува линиите во тимот, ако му оставите премногу време и простор, тогаш може да ве загрози и преку крилата.“

По ваквата изјава, притисокот врз Керик достигна максимално ниво. Навивачите ги протолкуваа зборовите на капитенот како директно „фрлање под автобус“ на тренерот, а медиумите во Манчестер веќе најавуваат итна смена на клупата, споредувајќи ги сцените по мечот со последните денови на Оле Гунар Солскјер во клубот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.