Меѓународен фудбал Фудбал

Тинејџерското чудо на Арсенал го израмни рекордот на Вејн Руни!

Арсенал има нов фудбалски бисер за кој зборува цела Англија, 16-годишниот Макс Дауман приреди вистинско шоу на гостувањето кај Ипсвич во шеснаесетфиналето од Лига купот, постигнувајќи два гола и една асистенција во убедливата победа на „топчиите“.

Со овој подвиг, Дауман стана дури вториот 16-годишник во историјата кој настапува за премиерлигашки клуб и успеал да постигне два погодоци на еден официјален меч во сите натпреварувања. Единствениот кој го направил ова пред него е легендарниот Вејн Руни, кој далечната 2002 година како тинејџер на Евертон двапати се запиша во стрелците против Рексам.

За младиот Дауман ова беа втор и трет гол во сениорскиот дрес на Арсенал, а неговата елеганција и зрелост на теренот измамија огромни комплименти од неговиот менаџер Микел Артета:

„Кога играта малку ќе се отвори, тој е неверојатен во пренесувањето на топката, елиминирањето на противниците, дриблинзите, но и во самата завршница. Вистинско уживање е да се гледа. Има неверојатна техника, непредвидлив е, застанува, забрзува, менува правец. Неговите удари со левата нога се уште поубави. Едноставно, игра како свила“, изјави Артета.

Пофалби за суперталентираниот фудбалер не штедеше ниту предводникот на Ипсвич, Гери О’Нил, кој призна дека ретко се гледа таков капацитет на толку млада возраст:

„Дефинитивно немав таков играч на 16 години, толку добар како Макс. Тој го има еден од најдобрите тренери. Арсенал ми е еден од омилените тимови за гледање и анализа поради сè што има направено Микел, тоа е тим кој е скромен, цврсто на земја, нема ѕвезди кои глумат и сите ја одработуваат задачата до самиот крај.“

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.