Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Тиквеш тргнува по историски европски исчекор против Еш!

Европската сезона започнува за Тиквеш, кој пред своите навивачи ќе се обиде да направи значаен исчекор во клупската историја. Кавадарчани имаат одлична можност за првпат да обезбедат пласман во следната рунда на европските купови, но за тоа ќе мора успешно да го минат предизвикот од Луксембург. По одличниот старт во домашното првенство, атмосферата во таборот на Тиквеш е позитивна, а дополнителен мотив ќе биде поддршката од трибините во „Јасмин“. Кавадарчани денеска и утре ќе го одиграат двомечот против Еш, со почеток од 18:00 часот во двата натпревари.

За Тиквеш ова е четврта последователна сезона во Европскиот куп, а амбицијата е конечно да се направи чекор повеќе и да се продолжи европската приказна. Страхиња Симиќ очекува тежок и неизвесен двомеч, но верува дека домашниот терен и поддршката од навивачите можат да бидат од големо значење.

„Четврта сезона по ред сме дел од Европскиот куп и тоа само по себе доволно говори за резултатите што ги имаме постигнато во изминатите години. По одличниот старт во домашното првенство, сигурно е дека самодовербата на екипата е на едно добро ниво и така мора да продолжиме и понатаму. Имаме млада и талентирана екипа, која уште на првиот натпревар пред домашната публика покажа голем жар, борбеност и желба. Мислам дека тоа е најубавата покана за сите наши верни навивачи и симпатизери на клубот да дојдат овој викенд во салата „Јасмин“, да ја исполнат до последното место и уште еднаш од Кавадарци да испратиме вистинска и убава ракометна слика. Нè очекува тежок и неизвесен двомеч, но во Кавадарци, во нашата сала и пред нашите браќа „Лозари“, ние се прашуваме за сè“, изјави Симиќ.

Тиквеш со позитивна атмосфера го дочекува европскиот предизвик, а целта е јасна – со максимален ангажман во двата натпревари да се обезбеди пласман во следната рунда и да продолжи европската авантура на кавадарчани.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.