Иако во Реал Мадрид не недостакуваат турбуленции на други полиња, раководството на шпанскиот гигант спреми одлични вести за своите фанови кога е во прашање позицијата меѓу стативите. Според добро информираниот Фабрицио Романо, „кралскиот клуб“ постигнал договор со Тибо Куртоа за продолжување на соработката.
Актуелниот договор на белгискиот репрезентативец важеше до 30 јуни 2027 година, а двете страни се договорија за продолжување за дополнителна една година. Ова значи дека поранешниот чувар на мрежата на Генк, Атлетико Мадрид и Челси ќе остане на „Сантијаго Бернабеу“ барем до својата 37-ма година.
Откако пристигна во Мадрид во 2018 година, Куртоа освои дури 12 трофеи со Реал, меѓу кои три шампионски титули во Примера и два пехари во Лигата на шампионите, вклучувајќи го незаборавното финале во 2022 година каде што со фантастични одбрани го сруши Ливерпул. Белгиецот досега забележа 342 настапи за Реал, притоа дури 131 пат зачувувајќи ја мрежата недопрена.
За Мадриѓаните нема никаква дилема дека Куртоа и понатаму е најдобриот голман на планетата, а тоа не го промени ниту тешката повреда на предните вкрстени лигаменти од 2023 година, по која се врати на највисокото можно ниво.

