Кошарка Македонска кошарка Меѓународна кошарка

ТФТ пред нов историски предизвик: Може ли скопскиот тим да го изненади Борац среде Чачак?

Македонскиот кошаркарски вицепрвак, екипата на ТФТ, вечерва ја започнува последната битка за пласман во елитното друштво на АБА 1 лигата. Скопскиот состав, преку бараж серијата против Борац Чачак, ќе се обиде да направи уште еден голем подвиг и да обезбеди место меѓу најдобрите регионални екипи.

„Подготвени сме за предизвикот што го носи овој бараж. Играме со противник што го почитуваме, но исто така веруваме во себе и во сопствените можности. Загубивме од Широки иако на тој двомеч подолго имавме предност од противникот, бевме со далеку подобри бројки во бројни статистички елементи, но на крајот решија одредени детали. Работевме квалитетно во овие подготовки на одредени детали шго можат да пресудат и можам да кажам дека сме подготвени. Фактот дека во регионот имаше чудни резултати и подвизи во изминатите денови, како онаа победа на Златибор (тим што ние го победивме) над Црвена Звезда, само ја зголемува нашата самодоверба“. – изјави тренерот Боро Смилковски.

Иако улогата на фаворит му припаѓа на српскиот претставник, во таборот на ТФТ владее голем оптимизам по извонредните игри во АБА2 лигата.

„Борац е тим што игра квалитетна кошарка, ја базира играта на цврста кошарка со многу контакт, притисок на топка. Ако треба да споредам со тимовите со кои игравме изминатиот период, Борац најмногу потсетува на Сутјеска. Црногорците имаат сличен стил на игра со Борац, а се сеќавате дека на тие натпревари најдов одговор за пристапот и тактиката на противникот. Секако дека мечот не е идентичен, но ќе мора да внимаваме на истите работи, да го контролираме скокот и од таа контрола под обрачите да оствариме што повеќе лесни поени од транзиција. Ако успееме во тоа и ако одиграме на ниво во одбраната, верувам дека можеме да се радуваме на крајот. Влеговме во пеколен ритам на натпревари, но мотивацијата е на највисоко ниво и ќе сториме се за уште еднаш да ги израдуваме не само нашите навивачи, туку и целокупната македонска кошаркарска јавност“. – додава Смилковски.

Првиот натпревар се игра вечерва во Србија со почеток во 20:30 часот, а серијата се игра до две победи, при што Борац ја има предноста на домашен терен.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести