Екипата на ТФТ не издржа во последните моменти и го загуби вториот натпревар против Широки Брег со 86:87, со што тимот од Босна ја освои АБА 2 лигата и успеја да се пласира во АБА 1 следната сезона.
ТФТ подобро го отвори натпреварот, погодуваше од секоја позиција и ја завршија првата четвртина со предност (25:21). Втората четвртина донесе поцврсти одбрани, а македонскиот тим и во таа ситуација беше подобар па на полувремето замина со осум поени предност (43:35). Вториот дел подобро го започнаа гостите и до крајот на третата четвртина ја намалија негативата на само два поени (61:59). Натпреварот во последната четвртина влезе во неизвесна завршница. Во последните моменти гостите имаа предност од еден поен, а Говенс на 9.5 секунди пред крајот погоди за два поени и му донесе предност на ТФТ (86:85). Гостите имаа неполни 10 секунди за напад, но вечерва незадржливиот Трајс погоди на 4 секунди пред крајот и донесе ново водство за Широки. До крајот ТФТ не успеја да постигне кош, со што Широки Брег дојде до втората победа и ја освои АБА 2 лигата.
Трајс беше најдобар на теренот со 30 поени за гостите, додека во редовите на ТФТ, Говенс постигна 23 поени.
ТФТ ќе има нова шанса да избори пласман во АБА 1 следната сезона, но за тоа ќе треба да го добие бараж дуелот со Борац Чачак, кој заврши на предпоследната позиција во АБА 1 лигата.

