Екипата на ТФТ вечерва ја почнува својата финална серија во битката за трофејот во АБА 2 лигата. Во финалето противник на скопјани ќе биде Широки Брег од Босна и Херцеговина. Кошаркарите предводени од Боро Смилковски имаат шанса да испишат историја, освојувајќи го трофејот и со тоа пласирајќи се во АБА лигата следната сезона.
На патот до финалето ТФТ беше подобар од Златибор и Сутјеска, додека Широки Брег до финалето дојде преку Јахорина и Хелиос Домжале.
„Не очекува првиот натпревар од финалната серија. Исклучително тежок предизвик против противник кој игра модерна и одлична кошарка. Потребна ни е голема концентрација и внимание на деталите, посебно во дефанзивната транзиција во обид да не дозволиме лесни поени на ривалот. Свесни сме за нашиот своевиден моментум на добри игри и резултати, нешто што ја подига нашата самодоверба во ова финале. Сигурен сум дека ќе го дадеме нашиот максумум во обид да дојдеме до позитивен резултат“. изјави Боро Смилковски.
Првиот натпревар ТФТ ќе го игра на гостински терен вечерва, со почеток од 20:30 часот.

