Кошаркарскиот клуб ТФТ и официјално ќе биде дел од регионалната АБА 2 лига и во натпреварувачката сезона 2026/27. Клубот го обезбеди своето учество по одличните резултати од минатата година, кога играше во финалето на ова натпреварување и заврши на првото место во регуларниот дел од домашното првенство.
Од таборот на ТФТ се заблагодарија на раководството на регионалната лига за укажаната доверба и истакнаа дека влегуваат во новата сезона со голема мотивација за уште поголем успех. Минатата година македонскиот претставник пропушти две големи шанси за влез во елитното друштво, откако најпрво загуби во драматичното финале на АБА 2 од Широки, а потоа претрпе пораз и во баражот против Борац Чачак.

