Кошаркарите на ТФТ Скопје се изборија за мајсторка во битката за третото место во Првата кошаркарска лига. Тие денеска во Битола му се реваншираа на Пелистер за поразот во првиот натпревар од оваа финална серија. Скопскиот состав славеше по неверојатна драма и едно одиграно продолжение со конечен резултат од 112:116 на семафорот.
Домашниот тим на Пелистер многу подобро го започна натпреварот и брзо стигна до почетна предност во првата четвртина. Гостите сепак експресно се вратија во игра и на големиот одмор заминаа со минимално водство од 51:52. Кошаркарите на ТФТ ја задржаа предноста, па во последните десет минути од регуларниот дел влегоа со позитива од шест поени.
Битолчани направија целосен пресврт во финишот, но Ташовски погоди на две секунди пред крајот за нерешени 98:98. Во дополнителните пет минути гостите од Скопје имаа повеќе сили и заслужено се изборија за конечен триумф. Фантастичниот Гордон постигна 30 поени за победничкиот тим, а неговиот соиграч Ташовски додаде уште 25 кошеви.

