Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Тежок старт за Пелистер, Ла Риоха однесе убедлива победа од Битола!

Еурофарм Пелистер имаше европска вечер за заборав, откако на домашен терен не успеа да го покаже препознатливото лице. Битолчани уште од самиот почеток влегоа во проблеми, а слабата реализација и бројните грешки го ставија натпреварот на страна на гостите. Ла Риоха знаеше како да ја искористи секоја понудена шанса и постепено ја презеде целосната контрола. До крајот Пелистер не успеа сериозно да го загрози убедливото водство на шпанскиот состав.

Гостите славеа со 31:24 во првото коло од ЕХФ Лигата на Европа, а клучната разлика ја направија уште во првиот дел. Пелистер долго време се мачеше да стигне до гол. Првиот погодок го постигна дури во шестата минута, а по петнаесетина минути игра Ла Риоха веќе имаше предност од 10:3.

Битолчани правеа премногу грешки во нападот, а шпанскиот тим тоа го казнуваше со брзи контри и полуконтри. Дополнителен проблем беше голманот Ледо, кој во првото полувреме запиша 11 одбрани. На паузата Пелистер имаше негатива од 8:16.Ниту вториот дел не донесе пресврт. Ла Риоха без поголеми проблеми го одржуваше водството, а во 45. минута по погодокот на Мартинез стигна и до највисоки плус десет – 27:17.

До крајот гостите рутински го приведоа натпреварот до крај и заслужено ги освоија бодовите со победа од 31:24. Самоил Ристевски со четири гола беше најефикасен кај Пелистер, додека Мартинез постигна шест за Ла Риоха. Сепак, првото име на натпреварот беше голманот Ледо, кој заврши со 21 одбрана и три постигнати гола.

За Пелистер следува брз обид за поправен впечаток. На 6 октомври битолчани ќе гостуваат кај Гдањск, кој во првото коло со 38:34 го совлада Гумерсбах.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.