Новото засилување на Кливленд Кавалирс, Пејтон Вотсон, изнесе сериозни тврдења на сметка на својот поранешен клуб Денвер Нагетс, истакнувајќи дека бил подложен на силен притисок прерано да се врати на паркетот за време на рехабилитацијата од повредата на задната ложа. За сите детали зад кулисите тој отворено говореше во подкастот кај својот поранешен соиграч Мајкл Портер Џуниор.
Вотсон се повреди во февруари на дуелот против Њујорк, во период кога ја играше најдобрата кошарка во кариерата и важеше за еден од главните кандидати за наградата за играч кој најмногу напредувал (MIP). Сепак, според неговите зборови, медицинскиот и стручниот штаб на Денвер веќе по две-три недели почнале пребрзо да го зголемуваат оптоварувањето. Иако почувствувал затегнување на тренинзите, под притисок да одигра неколку меча пред разигрувањето, се врати на теренот. На дуелот против Јута ја обнови повредата, а прегледот со магнетна резонанца покажа дека задната ложа му е во речиси иста состојба како на самиот почеток.
„Во плејофот влегов целосно неподготвен и недоволно здрав“, искрен беше Вотсон, кој поради тоа ја пропушти целата серија од првата рунда во која Денвер беше елиминиран од Минесота во шест меча. Неговиот агент Рич Пол му советувал да не ризикува потешка повреда пред излегувањето на пазарот, што се покажа како мудар потег.
Младиот крилен кошаркар ја заврши минатата сезона со просек од 14.6 поени, 4.9 скока и 2.1 асистенција на 54 одиграни натпревари. Летово тој стави точка на епизодата во Колорадо и преку голем трејд се пресели во Кливленд, потпишувајќи четиригодишен договор вреден 88 милиони долари.

