Легендарниот капитен на Челзи и на англиската репрезентација, Џон Тери, испрати жестоки критики на сметка на селекторот Томас Тухел и неговиот избор на играчи за претстојниот Мундијал. Според поранешниот дефанзивец, во моментов немаат доволно широк состав за да нападнат златен медал.
„Реално гледано, во овој тим има само 13, 14 или најмногу 15 фудбалери кои поседуваат квалитет за да го освојат Светското првенство. Останатите не носат вистинска конкуренција и нема со ништо да ги притиснат првотимците“, отворено коментираше Тери во подкастот „Sports Uncensored“.
Тој нагласи дека исклучително го почитува Тухел поради успесите со Челзи, но смета дека германскиот стратег направил неколку катастрофални грешки при кроењето на конечниот список. Како клучни пропусти тој ги издвои отсуствата на искусните Хари Мегваер и Лук Шоу, но и на двете супер-ѕвезди Коул Палмер и Фил Фоден. На нивно место, Тухел реши да им даде шанса на играчи како Ден Брн и младиот Нико О’Рајли, што за Тери е неразбирлив потег.
„Хари Мегваер е за класи подобар дефанзивец од Ден Брн. Во случај на повреди или кризни ситуации, без размислување би го избрал Мегваер. Тој има огромно мундијалско искуство, а секогаш е сериозна закана по прекините во финишот на мечевите“, заклучи легендарниот стопер, кој не крие дека е сериозно загрижен за судбината на Англија на претстојниот турнир.

