Авто-мото Други спортови

Тензии во Ферари по Монца, Хамилтон незадоволен од тимот!

Тензиите во Ферари дополнително се зголемија по Големата награда на Италија во Монца, откако Луис Хамилтон јавно го критикуваше начинот на кој функционира тимот. Седумкратниот светски шампион беше незадоволен од случувањата на самиот старт, каде што во борбата за третото место имаше дуел со својот тимски колега Шарл Леклер.

Хамилтон се обиде да ја помине првата шикана од внатрешната страна, но Леклер не му остави доволно простор за да го заврши маневарот. Иако двајцата не се допреа, Британецот излета во зоната со чакал, што го чинеше неколку позиции и го испрати на деветтото место.

По завршувањето на трката, Хамилтон не го криеше незадоволството од ситуацијата, но неговите критики не беа насочени само кон Леклер. Возачот на Ферари посочи дека тимот нема јасно дефинирани правила за вакви ситуации, за разлика од периодот кога возеше за Мерцедес.

„Овде нема правила. Изгубивме многу бодови во однос на Мерцедес. Со недели заостануваме и тешко е. Го давам максимумот, но понекогаш тоа не е доволно и потребни се и други работи за да успееме“, изјави Хамилтон.

Британецот потоа направи споредба со своето време во Мерцедес, каде што, според него, постоеле јасно утврдени правила за однесувањето меѓу тимските колеги.

„Кога бев во Мерцедес, постоеше пишано правило. Никогаш не дојдовме до таа точка. Имаше неколку ситуации со Нико Розберг и мене, но во најголем дел сè беше во ред. Овде нема правила“, додаде Хамилтон.

Неговите зборови отворија ново прашање за односите во Ферари, особено во момент кога италијанскиот тим се обидува да го намали заостанувањето зад конкурентите.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.