Нејмар повторно се најде во центарот на вниманието, но овојпат поради инцидент надвор од теренот. По минималната победа на Сантос од 1-0 над Ремо и пласманот во следната рунда од Купот на Бразил, искусниот напаѓач влезе во серија конфликти со навивачите, противничките фудбалери и челниците на домашниот клуб. Бразилската ѕвезда не беше стартер, но по влегувањето во игра во второто полувреме веднаш остави белег, асистирајќи за единствениот гол на Рони. Наместо мирна завршница, атмосферата дополнително се вжешти, а Нејмар при напуштањето на теренот испраќаше провокативни гестови кон трибините.
Најголемата тензија се случи во тунелот кон соблекувалните, каде што, според бразилските медиуми, Нејмар им дофрлал на противниците со зборовите: „Елиминирани сте!“, што предизвикало бурни реакции. Од Ремо веднаш возвратија. Претседателот на клубот, Антонио Карлос Тешеира, остро го осуди однесувањето на напаѓачот, оценувајќи дека неговите постапки не доликуваат на фудбалер кој е идол на милиони деца.
Тензиите не завршија ниту по напуштањето на стадионот. Автомобилот во кој се наоѓаше Нејмар беше опкружен од незадоволни домашни навивачи, кои бурно реагираа на неговите гестови за време и по завршувањето на натпреварот.

