Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Тексашко лудило на СП: Холандија и Јапонија приредија спектакуларно реми! (ВИДЕО)

Светското првенство ја доби најдобрата и најатрактивна фудбалска претстава досега, откако Холандија и Јапонија во Далас приредија вистинско лудило со четири гола во второто полувреме за конечни 2-2. Наместо досадно тактичко надмудрување, 94.000 навивачи на грандиозниот стадион на Каубојс видоа отворен оган во стилот на Дивиот Запад. Холанѓаните двапати го имаа триумфот во џеб, но „сините самураи“ со фанатичен карактер и вистински фудбалски „Бушидо“ код одбија да потпишат капитулација во Тексас.

Првиот дел помина во знак на тотална доминација на „лалињата“ кои имаа дури 70 отсто посед на топката, но тогаш на сцената стапи голманот на Јапонија, Цион Сузуки. Чуварот на мрежата на Парма со неверојатни рефлекси ги откажа сите опасни обиди на Дониел Мален и покажа дека летово ќе биде барана трансфер мета. Сепак, бедемот на Азијците попушти во 51-вата минута. Соиграчите од Ливерпул креираа акција од учебниците, Гравенберх нафрли од длабочина, а капитенот Вирџил ван Дајк скокна над комплетната одбрана и ја заби топката во мрежата. За Ван Дајк ова беше историски прв гол на големите собири, со кој се израмни со легендарниот Франк де Бур на листата на најефикасни холандски дефанзивци.

Но, радоста на избраниците на Роналд Куман траеше премногу кратко. Јапонците експресно одговорија со молскавична контра преку Кубо, по што Кеито Накамура ја искористи очајната реакција на Дамфрис, па со остар удар низ неговите нозе сосем го изненади голманот Вербруген за инстант изедначување.

Иако Холандија подоцна преку Крисенсио Самервил повторно се врати во водство и веќе ги славеше трите бода, Јапонците одново се кренаа од пепелта. Во 88-мата минута, Даичи Камада се најде на вистинското место и стрелаше за конечни 2-2, со што ја продолжи дведецениската низа на „лалињата“ без пораз во регуларни 90 минути на СП, но им го украде веќе запишаниот триумф во оваа мундијалска ноќ.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.