Кошарка Македонска кошарка

Ташовски во последните моменти го реши МЗТ Скопје

Денес се одигра 2. коло во машката кошаркарска МТЕЛ Супер Лига. Во групата на победниците, бевме сведоци на трилер натпревар во дербито помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје. Во битката за првата позиција, екипата на ТФТ со неверојатен пресврт во четвртата четвртина славеше победа над МЗТ Скопје со 93:91. Херој на домашната екипа беше Ташовски со тројка во последните моменти од натпреварот. Двете екипи се менуваа во водството, а домашната екипа замина со предност на полувремето (43:41) од два поени. Во третата четвртина, актуелниот шампион МЗТ Скопје, заигра подобро и дојде до високи 14 поени предност. Но во последната четвртина, избраниците на Боро Смилковкси изиграа фуриозно, покажувајќи го својот карактер уште еднаш годинава и со неверојатен пресврт, со тројката на Ташовски во последните моменти дојдоа до победата и останаа на првата позиција на табелата.

Кај домаќинот, Ташовски беше најпрецизен со 27 поени, а кај гостите од Аеродором, Мекјуен и Војдан Стојановски постигнаа по 18 поени.

Кошаркарите на Пелистер славеа победа на гости кај Кожув со 95:85 и им се реваншираа на гевгеличани за поразот во регуларниот дел од сезоната. Кај победниците од Битола најпрецизен беше Никола Малешевиќ со 21 поен, а кај Кожув Брајан Боувен постигна 22 поени.

Во последниот натпревар во групата на победници, Маџари во финишот дојде до победа на гостувањето кај Тиквеш со 100:97. Џејвон Грин со 27 поени беше најпрецизен во редовите на Маџари, додека Квинтон Минси постигна 22 поени за Тиквеш.

Во Плеј-аут групата, екипата на Гостивар, по продолжението беше подобара од Работнички, славејќи со 75:70. Црниќ и Димитриевски постигнаа по 17 поени кај Гостивар, додека кај Работнички Рикиќ имаше 19 поени, а Костовски 18 поени.

КК Ангели, во дуелот на последнопласираните, славеше победа против Феникс 2010. Стефанов кај победничкиот тим постигна 21 поен, а Рахма беше најдобар кај Феникс 2010 со 16 поени.

Куманово дојде до победа над Чарир 2030, во последниот натпревар од оваа група, со 91:83. Кај гостите од Куманово најпрецизен беше Ѓуроски со 27 поени, а Билингслеј кај домашната екипа постигна 26 поени.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести